24.8 C
Скопје
30. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Школа за млади лидери на претседателот Иванов

Вкупно 40 учесници и над 20 предавачи од Македонија, Европа и светот ќе бидат дел од 10-та Школа за млади лидери, што по иницијатива на Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, ќе се одржи од 11 до 22 февруари во Струга.

Програмата на школата опфаќа предавања и обуки во сферите на лидерството и менаџментот од страна на еминентни предавачи и гости од врвни образовни и професионални институции, менаџмент-симулации и практични вежби.

Идејата на претседателот Иванов е да се овозможи на младите талентирани и амбициозни луѓе да ги надградуваат и усовршуваат своите вештини, да ја развиваат својата креативност и менаџерски способности.

На свеченото отворање на десеттата Школа за млади лидери в понеделник во Струга, покрај претседателот Иванов, ќе се обрати и Талал Абу-Газалех, претседател на „Tag-org“, глобалната организација за професионални услуги и едукација. На првиот ден од Школата за млади лидери предавање ќе одржи Сани Шенер, извршен директор на ТАВ аеродроми, а ќе се одржи и панел дискусија за предизвиците на 4-та индустриска револуција, тема што ќе биде во фокусот на десеттата Школа за млади лидери.

Меѓу предавачите на годинешната Школа за млади лидери се Пинар Ајваз Арикан, Генерален Директор на „Turkish Airlines“ во Скопје, Штефан Петер, Претседател на извршниот одбор на ЕВН Македонија, Фанија Самак од компанијата „Микросам“ од Прилеп, Нина Ангеловска, коосновач на „Grouper.mk“, Љупка Арсова, Инженер за животна средина во Источната Истражувачка група, со седиште во САД, Разије Невзат, Координатор на Одделот за социјални медиуми и дигитален маркетинг на Источен Медитеран Универзитет, Хозе Антонио Моралес, директор на „Lincoln Island Initiatives“, со седиште во Словенија, Рашела Мизрахи од Бар Илан Универзитет, Израел, Методија Колоски, Претседател на Обединетата Македонска Дијаспора, Тонис Нирк, дипломатски претставник за дигитална економија од Естонија.

Предавања на школата ќе одржат и други истакнати поединци, лидери на успешни компании, и претставници на етаблирани институции од Македонија, Европа и светот.

Учесниците ќе го посетат новиот аеродром во Истанбул, отворен во октомври 2018 година, каде ќе бидат запознаени со неговото менаџирање како најголем аеродром во светот, а ќе го посетат и седиштето на авиокомпанијата „Turkish Airlines“.

Спонзорирано: