24.8 C
Скопје
19. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Црна Гора ја афирмира поддршката кон Македонија за членството во НАТО

Претседателот на Собранието на Република Македонија, Талат Џафери, го пречека претседателот на Собранието на Црна Гора, Иван Брајовиќ, кој е во прва официјална посета на Република Македонија, а воедно е и прв претседател на црногорското Собрание од прогласувањето на независноста на Црна Гора во 2006 година којшто ја посетил земјава.

Брајовиќ се заблагодари на топлиот и искрен прием што го чувствува на секој чекор и нагласи дека Црна Гора, како и досега, и отсега ќе продолжи да биде силен поддржувач на Македонија во нејзините напори да биде полноправен член на НАТО и ЕУ.

На средбата беше потенцирано дека со оглед на тоа што Црна Гора е полноправен член на НАТО од 2017 година, има искуство и експертиза што ја става на располагање на Македонија, ги чувствува придобивките на економски план за својата земја по влезот во НАТО и искрено го очекува денот кога ќе може да ја пречека Република Северна Македонија како триесетта членка на НАТО.

Во својот вовед, претседателот Џафери спомна дека и неговата прва официјална посета во својство на претседател на законодавниот дом беше токму во Црна Гора и тоа е аргумент што потврдува дека односите меѓу двете земји се пријателски и искрени, без отворени прашања, а со исти стратешки и надворешнополитички приоритети. Во продолжение, претседателот на Собранието го информираше г. Брајовиќ за успешно завршените фази од преземените обврски од договорот од Преспа, односно заокружувањето со усвојувањето на уставните измени и очекувањето дека процесот ќе биде успешно завршен и кај грчката страна, со што ќе се отвори патот на нашето евро-атланско интегрирање.