21.8 C
Скопје
19. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
БИЗНИС

Mакедонски компании во Тетово презентираа проекти за намалување на загадувањето на воздухот

Во Технолошкиот парк во Тетово, денеска, беа презентирани досегашните резултати од спроведувањето на проектите избрани во рамките на јавниот повик за финансирање проекти за намалување на загадувањето на воздухот во урбаните средини во Република Македонија, наречен „О2 предизвик“.

Домаќинот, „Бизнис енд иновејшн центар“ од Тетово, ги презентира софтверското решение и бизни- моделот за инвестиции за замена на стари грејни системи во домаќинствата со нови. Моделот треба да биде пилот-проект во општина Тетово, а потоа да се применува и на други места. Целта е преку овој портал да се креираат индивидуални, енергетски и финансиски ефикасни решенија, кои ќе придонесат кон намалување на загадувањето.

Компанијата „Екосолар“ од Штип го презентира технолошкото решение за изработка на соларен воздушен колектор со ротирачки ќелии, кој го загрева воздухот со помош на сончева енергија и помага за догревање на просториите. Колекторот треба да служи како дополнување на постојниот систем за греење.

Компанијата „Бизифај“ од Битола изработи течност од еколошки полимери, која има способност да ги апсорбира штетните ПМ 2,5 и ПМ 10-честитчки и треба да се користи за прскање градежни површини и патишта. Посебноста на овој процес е што на третираните површини може да расте вегетација, таа ја задржува влагата во почвата и спречува ерозија.

„Технобен нова“ од Прилеп претстави плочест топлински разменувач со вграден апарат „Вентури“ како интегрирана целина за прочистување на гасовите што се испуштаат од одредени индустриски објекти. Тој е веќе пилотиран и вграден во нова фабрика во Битола.

Проектот на компанијата „Венито комерц“ од Кавадарци е за развивање нов систем на градски превоз со електрични велосипеди, кои имаат вградени филтри за прочистување на воздухот.

Јавниот повик го спроведе Фондот за иновации и технолошки развој во соработка со Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП), Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП), „О2 коалиција“, Град Скопје, „Екосвест“, чија цел беше иницирање иновативни идеи и акции кои ќе поттикнат решавање на проблемот со загадувањето.

На настанот се обратија Јован Деспотовски, директорот на Фондот за иновации и технолошки развој (ФИТР), заменик-министерот за животна средина и просторно планирање, Јани Макрадули, и градоначалничката на општина Тетово, Теута Арифи.

Макрадули истакна дека очекува проектите да најдат примена во секојдневието.

„Денес видовме решенија што може да се спојат со мерките предвидени во владината програма за намалување на аерозагадувањето, која беше усвоена на вчерашната седница“, посочи тој.

Јавниот повик, кој беше распишан на крајот на октомври 2017 година и траеше 25 дена, беше спроведен од страна на ФИТР, во соработка со Министерството за животна средина и просторно планирање, како и претставници на невладиниот сектор во областа и Град Скопје.