16.8 C
Скопје
3. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

СДСМ: 2019 ќе биде година на економија и развој

Оваа 2019 година, ќе биде година на економија и развој, вели Социјалдемократскиот сојуз на Македонија преку соопштение. Владејачката партија вели дека Македонија свртела нова страница кон сигурна иднината во НАТО и ЕУ, а напредокот носи сериозни придобивки за граѓаните, економијата и животниот стандард

„Усвојувањето на измените на Уставот ги отвори перспективите на Македонија и сите нејзини граѓани. Децениските стратешки приоритети и интереси на државата, членството во НАТО и Европската унија се во финална фаза на исполнување. Македонија оди напред, сврте нова страница кон сигурна и стабилна иднина. Македонскиот идентитет е загарантиран и обезбеден“, се вели во соопштението на СДСМ.

Од изолирана, поделена и заробена држава, додаваат социјалдемократите, денес Македонија се развива како модерна, европска држава на еднакви граѓани, земја пријател на регионот и демократскиот свет.

„НАТО и ЕУ не се само голема, историска можност за напредок, безбедност и стабилност, членството значи и нови инвестиции, нови и добро платени работни места, повеќе пари и повисок животен стандард за сите граѓани. Интеграциски процес кој засилено се движи напред го интензивира економскиот раст, ја прави државата поатрактивна за сериозни странски инвестиции и позитивно влијае врз конкурентноста на домашните компании“, подвлече СДСМ.

Партијата додава дека платите растат во сите сектори, се зголемила финансиската поддршка за претпријатијата, има навремени и зголемени субвенции за земјоделците, повеќе пари се враќаат назад кај граѓаните.

„Повратот на Данок на додадена вредност од 15 отсто за граѓаните кој треба да се реализира оваа година, ќе обезбеди дополнителен приход во секое семејство. Владата и парламентарното мнозинство предводени од СДСМ продолжуваат со спроведување на зацртаните реформи што обезбедуваат напредок во евроинтеграциите, економски раст, повеќе пари и повисок животен стандард за сите граѓани“, се додава во соопштението на СДСМ.

Спонзорирано: