17.8 C
Скопје
19. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈАТОП ВЕСТИ

Владата “распали” по Иванов: Живееш во свет на заговори и зборуваш само за темнина

Претседателот Иванов и со денешното свое обраќање пред македонската јавност, во Собранието на Република Македонија, докажа дека остана доследен само на својата определба да продолжи да ги дели граѓаните, реагира Владата, по говорот на претседателот.

Од Владата коментираат дека Иванов потврдил дека живее во свет на заговори и со својот настап, како што велат, уште еднаш претседателот докажал дека наместо да го прочита договорот од Преспа и да ги поддржи гаранциите за идентитетот и за просперитетот кои ги нуди овој договор, тој продолжува да шири невистини и омрази обидувајќи се со тоа да го попречи напредокот на граѓаните на Македонија.

„Иванов не верува во сопствената земја и сопствениот народ, а за да го прикрие тоа конструира измислици дека е жртва на некакви активности против него без никаква основа. Зборува само за темнина – јазли, поништувања, негирања, пандорини кутии. Тоа го прави Иванов претседател заглавен во минатото, пасивен, дефокусиран, без јасно изразена европска и евро-атланска агенда“, се вели во реакцијата на Владата.

Оттаму додаваат дека Иванов е политичар кој не е посветен на стратешките интереси на државата.

„Иванов си оди. Тој не успеа и нема да успее да ги попречи интеграциите, напредокот и пријателствата што ги гради Република Македонија. Иванов може да зборува само за еден единствен неуспех – сопствениот, неуспехот на неговиот мандат. Со сите свои постапки Иванов сакаше да го запре просперитетот, но не успеа“, додава Владата.