12.8 C
Скопје
17. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Димитров: Свесни сме дека да се биде Европеец не значи само зачленување во ЕУ

Министерот за надворешни работи, Никола Димитров, во Париз учествуваше на состанокот на високо ниво на француско-германската иницијатива за борба против недозволена трговија со лесно оружје во земјите од Западен Балкан.

Во своето обраќање Димитров најнапред ја потенцираше важноста од соработка и интеграција на регионот во ЕУ, експлицитно демонстрирано во екот на мигрантската криза во 2015 година.

„Свесни сме дека да се биде Европеец не значи само зачленување во ЕУ туку и сет на вредности и практики на добро управување, владеење на право, борба против корупција, независни и силни институции“, истакна Димитров.

Во контекст на исполнување на стандардите за членство во ЕУ, министерот изрази подготвеност за уште потесна соработка во однос на безбедносните прашања од различен вид, вклучително и контролата на илегална трговија со мало и лесно оружје, во интерес на креирање побезбедни општества за нашите граѓани и борба против организираниот криминал.

„Патоказот за изнаоѓање одржливо решение за незаконско поседување, злоупотреба и трговија со мало и лесно оружје и муниција во Западен Балкан до 2024 година, усвоен на Самитот за Западен Балкан во Лондон на 10 јули 2018 година, претставува одлична рамка, комплементарна на веќе постојните национални и регионални иницијативи, за засилување на контрола и непролиферација на мало и лесно оружје“, додаде Димитров.

Министерот во рамки на работната посета на Париз ќе се обрати и во Фондацијата „Роберт Шуман“ на тема „Европската перспектива на Македонија по договорот со Грција”, а утре во францускиот парламент Димитров ќе се сретне со претседателката на Комисијата за надворешни работи и со група пратеници.