25.8 C
Скопје
6. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

СДСМ: Со оданочувањето ќе се создаде фер општество

Со даночната реформа се создава фер општество, се намалува јазот меѓу граѓаните создаден токму од неодговорните и криминални политики на ВМРО-ДПМНЕ, реагира Социјалдемократскиот сојуз на Македонија по обвинувањата на опозицијата дека со мерката СДСМ повикува на непослушност и зголемување на даночната евазија.

„Воведувањето на фер и праведно оданочување оди во прилог на сите граѓани и целата економија. Опфатени се само 1 отсто од граѓаните со највисок доход, а истовремено во Буџетот на тој начин би се слеале дополнителни 25 милиони евра, средства со кои би се финансирале мерките за намалување на сиромаштијата. Значи нема да се зголеми туку ќе се намали сиромаштијата што најмногу ја создаде ВМРО-ДПМНЕ. Колку и да е против антизападното раководство на ВМРО-ДПМНЕ, со средствата од прогресивниот данок , ќе се финансира мерката минимален загарантиран приход со која на примателите на социјална помош им се зголемува социјалната помош за 300%. Дополнително, се воведува и образовен и детски додаток за повеќе од 60.000 деца“, наведе СДСМ во реакцијата.

Оттука, како што тврди владејачката партија, под контрола ќе се стави и буџетскиот дефицит во ПИОМ кој за 10 години се зголемил за 150 проценти заради неодговорните и криминални политики на ВМРО-ДПМНЕ.

„Истовремено, продолжува законското усогласување на пензиите два пати во годината, а се воведува и социјална пензија. Воведувањето на даночната реформа и пензиско -социјалната реформа се дел од заложбите за градење на фер и праведно општество со намален економски јаз меѓу граѓаните и изградба на систем на социјална заштита што трајно ќе извлекува од сиромаштија. Колку и да е неприфатливо за антинародното раководство на ВМРО-ДПМНЕ, Македонија се гради како фер и еднакво општество на еднакви граѓани“, тврди СДСМ.