17.8 C
Скопје
19. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
ЛОКАЛНО

Исцрпени средствата за субвенции за печките на пелети

Градот Скопје соопшти дека се исцрпени средствата предвидени за субвенции за купување печки на пелети.

Денеска до 16 часот пристигнале 200 барања, со што условот за завршување на јавниот повик бил исполнет, а барања на граѓаните за субвенции за купување печки на пелети вработените во архивата на Град Скопје нема да ги примаат, соопшти прес-службата на градот.

Со јавниот повик за надоместување на дел од трошоците на граѓаните на подрачјето на Скопје за купување печки на пелети, граѓаните имаа можност да набават печки на пелети, а градот да ги субвенционира во висина од 70 проценти од вредноста на печката, но не повеќе од 30.000 денари со вклучен персонален данок на доход по домаќинство. За овој втор јавен повик во 2018 година за субвенции за купување на печки на пелети во Буџетот на Град Скопје беа предвидени околу 5 милиони денари.

Ова е втор јавен повик оваа година за субвенционирање печки на пелети, а претходно во месец мај годинава беа доделени 187 субвенции.

Субвенционирањето на купување печки на пелети е со цел да ги стимулира жителите на град Скопје за примена на почисто гориво и поквалитетни печки за затоплување на своите домови, кои имаат повисока енергетска ефикасност и пониски емисии во воздухот и една од мерките што придонесува за намалување на загаденоста на амбиентниот воздух.