25.8 C
Скопје
18. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
Donald Trump/Offical fan page
СВЕТ

(Видео) Трамп и Меланија ги осудија инцидентите со бомбите и повикаа на обединетост

Канцелариите на Си-ен-ен во Њујорк беа евакуирани денес поради сомнителен пакет, објави агенцијата „Асошиетед прес“. Пакети-бомби вчера навечер и денеска беа пресретнати и на патот кон домовите на Хилари и Бил Клинтон, Барак и Мишел Обама, а според одредени информации кои подоцна беа демантирани и кон Белата куќа. Во понеделникот, пакет со бомба исто така бил пронајден и во сандачето на Џорџ Сорос.

Американскиот претседател, Доналд Трамп, се обрати во јавноста во однос на потенцијалните експлозивни направи пронајдени денес.

„Само сакам да кажам дека во овие времиња ние мора да се обединиме, мора да се здружиме и да испратиме многу јасна, силна и непогрешлива порака дека за актите и заканите за политичко насилство од каков било вид нема место во САД. Безбедноста на американскиот народ е мојот највисок и апсолутен приоритет“, рече тој.

„Ова неочекувано однесување е неспоиво со сето она што го сметаме за скапоцено и свето во Америка“, додаде Трамп.

И првата дама Меланија Трамп се обрати до јавноста, стоејќи рамо до рамо со нејзиниот сопруг. „Не можеме да ги толерираме овие кукавички напади и силно ги осудуваме сите оние кои избираат насилство“, рече Меланија.

Таа изрази благодарност до тајната служба, како и до федералната и локалната полиција за сè што прават секој ден за да ги заштитат луѓето низ целата земја.

Според информациите уште еден сомнителен пакет бил пронајден денеска во објект за сортирање пошта за Сенатот на Капитол Хил во Вашингтон. Тој бил наменет за демократската сенаторка Максин Вотерс, пренесе Си-ен-ен.

Претходно беа пронајдени и пакети адресирани до поранешниот државен обвинител Ерик Холдер и конгресменката од Флорида, Васерман Шулц.