24.8 C
Скопје
20. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
СВЕТ

Германските политичари го покренаа прашањето за забрана за американските проектили во Германија

Европската унија не е подготвена да даде гаранции дека САД нема да ги распореди своите проектили на територијата на блокот во случај на повлекување на Вашингтон од Договорот за нуклеарни ракети од среден дострел (ИНФ), изјави рускиот постојан претставник во ЕУ, Владимир Чижов, за „Спутник“.

На прашањето дали тој разговарал за предложениот излез на Вашингтон од договорот со неговите колеги од ЕУ, Чижов рече дека политичарите од ЕУ одговориле дека Европската Унија „нема никаква врска со тоа зашто не е воен блок”.

„Некои германски политичари, вклучувајќи ги и членовите на Европскиот парламент, го поставуваат прашањето за носење одлука на ниво на ЕУ за забрана за распоредување проектили – се разбира од страна на Американците – на територијата на унијата”, рече Чижов.

Чижов вели дека за разлика од Германија, Велика Британија дава потполна поддршка на сите потези на САД.

Претходно неделава, портпаролката на германското Министерство за надворешни работи, Марија Адебар, изјави дека Берлин се залага за зачувување на ИНФ и на функционалната архитектура за намалување на оружјето во Европа.

Изјавите следат по објавувањето на пораката од Доналд Трамп дека Вашингтон ќе го отфрли договорот од 1987 година поради наводно кршење на договорот од страна на Русија. Москва, пак, ги негираше обвинувањата, а портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, истакна дека Русија внимателно ги поќитува своите обврски според договорот.

ИНФ, кој беше потпишан од Михаил Горбачов и Роналд Реган на 8 декември 1987 година, го забранува развојот, распоредувањето и тестирањето на балистички ракети со среден дострел и пократок опсег и крстосувачки ракети лансирани од земја.