14.8 C
Скопје
26. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

(Видео) Заев: Мора да ставиме крај на сиромаштијата која со генерации се пренесува меѓу најранливите семејства

Премиерот Зоран Заев во видеообраќање по повод Меѓународниот ден за борба против сиромаштијата истакна дека државата мора да стави крај на кругот на сиромаштијата, кој, како што рече, се пренесува од генерација на генерација меѓу најранливите семејства.

Тој истакна дека како една од мерките во овој правец, дополнителни 11 илјади домаќинства ќе добиваат гарантирана социјална помош, покрај постојните 26 илјади домаќинства, кои веќе имаат право на овој надоместок.

„Семејствата со деца и со ниски приходи ќе добиваат полесен пристап до детскиот додаток. Очекуваме бројот на деца кои ќе го користат ова право да биде над 70 илјади, за разлика од само 3 200 деца кои сега имаат право на детски додаток. Раниот детски развој е клучен и во него мораме да инвестираме на време и со поголем опфат на семејства, зашто тоа не може да се надомести подоцна во текот на животот“, нагласи Заев во своето обраќање.

Премиерот најави дека најранливите категории на деца ќе добијат можност да се вклучат во установите за згрижување и воспитание.

„Образовниот додаток од 2019 година ќе можат да го добиваат и основците и очекуваме да го користат над 60 000 деца“, рече Заев и додаде дека ова се некои од одговорите за излез од кругот на сиромаштијата.

„Ова се инвестиции во човечкиот развој бидејќи секое дете ни е важно, бидејќи секој човек ни е важен“, истакна премиерот.