10.8 C
Скопје
18. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

АХВ: Утре почнува есенската кампања за вакцинација на лисиците против беснило, граѓаните да внимаваат доколку најдат мамка да не ја допираат

Со авионско фрлање на вакцинални мамки, од утре, почнува тринаесеттата, есенска кампања на Агенцијата за храна и ветеринарство за вакцинација на лисиците против беснило, која ќе се реализира со финансиска поддршка од Европската Унија, соопштија од АХВ.

На целата територија на Македонија, со исклучок на населените места, водените површини и високите планински врвови, заклучно со 19 октомври, од спортските аеродроми во Скопје и Штип ќе бидат фрлени 500 илјади вакцинални мамки, наведуваат од Агенцијата од каде преку своето соопштение апелираат до граѓаните да внимаваат при движењето во природа и доколку најдат мамка никако да не ја допираат.

„Мамките се со кафена боја и наликуваат на чоколадни коцки. Направени се од смеса со рибино брашно и имаат мирис на риба кој ги привлекува лисиците. Во мамките е сместена пластична капсула во која се наоѓа течна вакцина која содржи ослабен вирус на беснило како и биолошки маркер – тетрациклин, кој се користи за утврдување на успешноста на вакцинацијата. Како одговорна институција апелираме мамката да не се допира, но, доколку сепак граѓаните дојдат во контакт со неа, таа треба внимателно да се отстрани и остави во помалку населена област, каде ќе биде неможно истата да дојде во контакт со деца. Ако се случи граѓаните да дојдат во контакт со течната содржина од капсулата, неопходно е рацете да се измијат со голема количина сапун и вода, во траење од најмалку пет минути и задолжително веднаш да појдат на лекар. Мамката внимателно треба да се земе со ракавица или кеса и да се понесе со себе“, образложуваат од АХВ во своето соопштение.

Од Агенцијата за храна и ветеринарство исто така ги потсетуваат и сопствениците на домашни миленици, кучиња и мачки дека имаат законска обврска да ги вакцинираат животните против беснило, болест која во Македонија за последен пат е регистрирана во 2012 година. По реализација на вакциналната кампања против беснило, Агенцијата за храна и ветеринарство ќе спроведе поствакцинален мониторинг заради контрола на успешноста на оралната вакцинација, се наведува во соопштението.