18.8 C
Скопје
20. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
Donald Trump/Offical fan page
СВЕТ

Трамп: Наскоро повторно со Ким, но на некое друго место

Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека сценариото за неговиот втор состанок со севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун, би можело да биде како првиот пат, освен што ќе се одржи на некоја друга локација. Трамп за средбата со лидерот на Северна Кореја зборувал во Њујорк, каде се појавил пред новинарите заедно со претседателот на Јужна Кореја, Мун Џае Ин.

Според Трамп, средбата со Ким ќе се случи во не така далечна иднина, а детаљите во врска со тоа, како што рекол, ќе бидат објавени многу брзо. Трамп и Ким се сретнаа во јуни во Сингапур, поради разговори за денуклеаризација на Корејскиот полуостров.

Јужнокорејскиот претседател неодамна се сретна со Ким, а Трамп, преку денешната средба во Њујорк, му испратил порака на севернокроејскиот лидер.

Трамп и Мун Џае Ин, потпишаа договор за слободна трговија, а Трамп го поздрави нарекувајќи го историска пресвртница во трговијата. Американскиот претседател, кој сака повторни преговори за трговски договори со повеќе земји во светот, рекол дека ревидираниот договор со Јужна Кореја, ќе ги намали бирократските препреки и ќе го зголеми просперитетот во двете земји, пренесе Ројтерс.

Како што рекол Трамп, со овој договор ќе се намали трговскиот дефицит меѓу САД и Јужна Кореја и ќе отвори нови можности за извоз на американски производи во таа земја, пред се автомобили, фармацевтски и земјоделски производи.

Јужнокорејскиот претседател рекол дека компаниите од двете земји ќе можат да работат под стабилни услови.