17.8 C
Скопје
19. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈАТОП ВЕСТИ

(Видео) Заев: Крајно време е по 27 години независност да ја ставиме Македонија на една брза лента или брз мотор

Претседателот на Владата, Зоран Заев, денеска учествуваше на трибина во организација на Стопанската комора на Македонија на која заедно со претседателот на Стопанска комора на Македонија, Бранко Азески, разговараа за перспективите на македонската економија од полноправното членство на земјата во ЕУ и НАТО. На самиот почеток на дебатата беше заеднички констатирано дека Македонија мора да ја фати брзата лента кон полноправно членство во НАТО и ЕУ како важен предуслов за економски развој на државата и подобар животен стандард за граѓаните.

„Крајно време е по 27 години независност да ја ставиме Македонија на една брза лента или брз мотор, со лидерството заедно со стопанството кон членство во ЕУ и НАТО, што ќе придонесе нашата земја да биде прикладно место за живеење“, изјави Заев.

Азески во разговорот со премиерот Заев порача дека бизнис-заедницата застанува цврсто зад напредните процеси кои се очекува да резултираат со полноправно членство на земјата во ЕУ и НАТО, што ќе резултира со забрзување на економските процеси на раст и развој. Во однос на информацијата што ја сподели претседателот на Стопанската комора на Македонија, дека со членството на земјата во НАТО ќе се отвори можност за пласман на македонските производи и услуги за потребите на НАТО-алијансата, којашто добавува 32 милиони производи од 16 милиони добавувачи, премиерот Заев истакна дека една од придобивките не е само што НАТО ни ја гарантира безбедноста, мирот и стабилноста, коишто се најважни предуслови за бизнисот, туку има, рече Заев, и една друга убава придобивка овде, имаме право како членка да партиципираме во набавките што НАТО ги прави. Тоа ни следува со членството“, истакна премиерот.

„Јас лично разговарав со генералниот секретар, бројките се многу убави и тоа отвора трговска можност за многу домашни компании да влезат и да заработат и профитираат. Тоа се стотици милиони евра можности кои се отвораат за нашите компании“, изјави Заев и додаде дека ќе се отвори таа можност по завршувањето на скринингот и потпишувањето на протоколот од земјите членки за полноправно членство на нашата држава во НАТО-алијансата.