14.8 C
Скопје
26. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МОЗАИК

Тргнале на одмор, починале на мостот: Мајка, татко и седумгодишно дете први жртви во Џенова

Првите идентификувани жртви од трагедијата што се случи вчера во Џенова, кога дел од вијадуктот „Моранди“ се урна за време на силна бура, се од семејството Робијано-Пичини. Загинаа мајката, таткото и нивниот седумгодишен син.

Според медиумите, Роберто Робијано, неговата сопруга Ерсила Пичини и нивниот седумгодишен син Самоил загинаа кога нивниот автомобил падна со деловите од мостот од висина од 45 метри.

Тричленото семејство живеело во Кампомороне, недалеку од Џенова. Според „Ла стампа“, семејството тргнало на одмор на Сардинија кога се распаднал дел од мостот на кој тие биле во тој момент.

Нивниот автомобил подоцна беше пронајден во урнатините, а спасувачите во текот на пребарувањето нашле чадор и ќебе, како и телефон кој во тој момент заѕвонил, а на екранот пишувало „мама“. Никој од присутните не можел да ѝ се јави на бабата што сакала да се слушне со своите сакани.

Друга идентификувана жртва на трагедијата во Џенова е Андреа Черули, фудбалер аматер и татко на малолетен син, кој, според извештаите на медиумите, загинал додека одел на работа.