17.8 C
Скопје
17. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
СВЕТ

Агент на ФБИ доби отказ бидејќи го критикувал Трамп

Федералното истражно биро (ФБИ) го отпушти високиот функционер Питер Строк, кој стана цел на републиканскиот гнев поради своите изјави против претседателот Доналд Трамп, објави „Вашингтон пост“.

Во извештајот се наведува дека акцијата против Строк е посериозна од препораките на внатрешната дисциплинска комисија на ФБИ, која спровела истрага за неговата работа како главен истражител во тимот што ја водел истрагата за имејловите на Хилари Клинтон во 2016 година, а бил дел и од специјалниот тим истражители за мешањето на Русија во американските претседателски избори.

Строк минатиот месец на претресот во Претставничкиот дом во Конгресот изјави дека неговите приватни ставови за претседателот Трамп не влијаеле на неговата работа и дека никогаш не дозволил неговите лични ставови да му пречат во работата за ФБИ.

Трамп ја поздрави веста за отпуштањето на Строк објавувајќи твит: „ФБИ штотуку го отпушти агентот Питер Строк – конечно“.

Тој додаде дека листата на лоши играчи во ФБИ и Секретаријатот за правосудство е сè подолга и подолга.

„Дали сега ќе се откажат од истрагата за руското мешање во изборите. Тоа е тотална измама. Нема опструкции – јас само одговарам кога ме напаѓаат“, порача Трамп.