22.8 C
Скопје
19. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Медарски: Мојата канцеларија нема поврзаност со фирмата што конкурирала за тендерот

Адвокатот Филип Медарски реагира по прес-конференција на ВМРО-ДПМНЕ, каде опозицијата праша „Дали е случајно тоа што седиштето на фирмата е регистрирано на иста адреса како и канцеларијата на Филип Медарски, адвокат на премиерот Зоран Заев?“.

Медарски вели дека фирмата што конкурирала за тендерот за набавка на реагенси, нема никаква поврзаност со неговата адвокатска канцеларија.

„На денешната прес конференција на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ е изнесено тврдење дека фирма, која конкурирала на тендер на Министерството за здравство е регистрирана на иста адреса, како мојата адвокатска канцеларија. Би сакал да ја информирам јавноста дека мојата адвокатска канцеларија нема никаква поврзаност со фирмата што конкурирала на тендерот и одговорно тврдам дека таа фирма, нејзините основачи, управител и вработени никогаш не сум ги застапувал, ниту пак лично познавам било кој од нив“, вели Медарски.

Дополнително тој тврди дека до моментот на излегување на информациите околку тендерот во јавноста, нему не му било познато дека таа фирма има седиште на истата адреса како неговата канцеларија.

„На истата адреса се регистрирани повеќе од седум други адвокатски канцеларии, кои не се поврзани со мојата. Која од нив ја регистрирала фирмата на ова седиште лесно може да се провери во Централниот регистар, но тоа сигурно не е мојата. Било какво натамошно поврзување на мојата канцеларија со таа фирма или тендерот на Министерството на здравство ќе ги третирам како злонамерни и тенденциозни и ќе поведам соодветни постапки за заштита на мојата чест и углед“, се вели во реакцијата на Филип Медарски.