25.8 C
Скопје
6. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
СВЕТ

Австрија не сака барања за азил, објави француски „Монд“

Официјална Виена ја критикува политиката за миграција на ЕУ и сака систем со кој на европско тло не би се поднесувале барања за азил, се наведува во документ во кој увид имал францускиот весник „Монд“ .

Весникот наведува дека станува збор за документ кој не требало да биде објавен и додава дека има добра причина за тоа. Имено, Австрија, која на почетокот од месецов го презеде претседателството со ЕУ, во него изнесува исклучиво затворена визија по прашањето за миграција, целосно игнорирајќи го хуманитарниот аспект.

Според документот што бил презентиран пред претставниците на земјите членки на ЕУ на неформален состанок во Виена на 2 и 3 јули, мигрантите се претежно млади луѓе, меѓу кои многумина се под влијание на идеологии кои се залагаат за насилство, наведува „Монд“.

Текстот предлага да се размисли за нов систем на заштита, врз основа на кој на европско тло не би било поднесено ниту едно барање за азил.

Целта која е поставена за 2025 би требало да гарантира азил само на оние кои ги почитуваат вредностите на ЕУ и основните права и слободи, пишува весникот, додавајќи дека тоа е услов кој ЕУ во моментов воопшто не го наметнува кон барателите на азил.

Во текстот се наведува дека политичката елита и ЕУ целoсно ја загубиле контролата над ситуацијата во 2015 година, кога мигрантската криза беше во својот зенит.

Документот ја истакнува наводната неспособност на дваесет и осумте членки на ЕУ да ги сопрат приливите на мигранти и да ја обезбедат надворешната граница, пренесува „Монд“.