20.8 C
Скопје
23. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

„Срамота! Кафулето на Оги беше најактивен борец против режимот“, напиша пратеникот Павле Богоевски

Пратениците од власта, Павле Богоевски и Ивана Туфегџиќ на „Фесбук“ реагираа на синоќешната полициска рација во скопските локали и апсењето на сопственикот на „Сектор 909“, Огнен Узуновски.

Богоевски порача дека заедно со пратеничката Туфегчиќ ќе ги искористат, како што напиша, сите механизми кои ги имаат на располагање, за јавноста да дознае за оправданоста на овие рации.

Пратеникот напиша: „Манифестацијата на сила беше едно од основните обележја на режимот. Но, веќе подолго време во скопските клубови се спроведуваат некакви акции, рации од страна на полицијата и инспекциите. Начинот на кој се прави тоа секогаш е со големо полициско присуство, во текот на работното време на клубовите и на начин на кој се попречува нивното работење. Но, најлошо од сè, на начин на кој јасно се манифестира полициската сила. Тоа уште повеќе ја урнисува, и онака малата и кревка доверба на граѓаните во полицијата“.

„Оги беше еден од најактивните борци против режимот. Неговото кафуле ни беше прибежиште на сите, беше местото каде знаевме дека сме безбедни. ВМРО постојано го таргетираше со инспекции и често пати го казнуваше, ама ни ВМРО не се дрзна да го уапси, а ние го сторивме тоа. Срамота“, напиша Богоевски на неговиот профил на „Фејсбук“.

„Има начини на кој инспекциите можат да го проверат работењето на клубовите без да го попречат нивното работење. Има начин на кој можат да се фатат дилерите на дрога, лицата кои незаконски носат оружје или да се утврди присуство на малолетници (доколку ги има) без толкава манифестација на сила. Уште повеќе, рациите се ужасно неефикасни за долгорочно справување со ваквите проблеми. Музиката е за ширење љубов, не за приведување. Поддршка за Оги и ќе бараме испитување за неговото вчерашно приведување!“, напиша пратеничката Туфегџиќ.

Синоќа полициски службеници упаднале во неколку ноќни клубови во Скопје и ги легитимирале посетителите. Некои од нив, револтирани од односот на полицијата објавија реакции на социјалните мрежи.