12.8 C
Скопје
17. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Премиерот ќе биде покровител на одбележување на 70 години од Институтот за национална историја

Претседателот на Владата, Зоран Заев денеска примил делегација на Институтот за национална историја (ИНИ), предводена од директорот Д-р Драги Ѓоргиев, кој воедно е и дописен член на МАНУ, соопшти владината прес-служба.

Делегацијата на ИНИ, во чиј состав биле и проф. Д-р Марија Пандевска, и проф. Д-р Љубица Јанчева, членови на Советот на ИНИ, го информирале премиерот за подготовките на прославата по повод 70 годишнината од основањето на оваа угледна научна установа.

Претставниците на ИНИ, како што соопшти Владата, го поканиле Заев да биде покровител на годишнината со оглед на фактот што оваа научна установа е основана од Владата на Народна Република Македонија во 1948 година, како прва научна установа во историјата на македонската држава.

„Премиерот Заев се заблагодари за укажаната чест, ја прифати поканата, и ги охрабри научните работници од ИНИ во реализацијата на меѓународниот научен симпозиум, на кој ќе учествуваат голем број истакнати историчари и други научни работници од регионот, Европа и светот“, соопшти Владата.

Гостите од ИНИ, во рамки на средбата, го информирале претседателот дека програмата за одбележување на оваа значајна годишнина ќе започне на есен со серија настани и со промоција на 17 нови научни дела произлезени од проектите на ИНИ од минатата година, а завршниот дел од програмата, со свечена академија и со меѓународен научен симпозиум на тема „Балканската историографија и современите предизвици“, ќе се одржи во ноември оваа година.