17.8 C
Скопје
17. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
СВЕТ

Ердоган прогласи победа, тој е прв претседател со извршни овластувања

Турскиот претседател, Реџеп Таип Ердоган, прогласи победа во првиот круг на изборите на кои според официјалните податоци освои втор мандат, овој пат со извршни овластувања. „Нацијата ми ја довери одговорноста за претседавање сo државата и одговорноста за извршните должности“, рече Ердоган во неговиот говор во Истанбул.

Тој прогласи победа и на Народниот сојуз, изборната коалиција на неговата Партија на првада и развој и малата Партија за национално движење на парламентарните избори кои се одржаа заедно со претседателските. Тој рече дека коалицијата го освоила мнозинството во Собранието од вкупно 600 пратенички места.

„Се надевам дека никој нема да се обиде да фрли сенка на резултатите и да ѝ наштети на демократијата за да го скрие сопствениот неуспех“, рече Ердоган.

Портпаролот на турската влада, Баир Боздаг, рече дека турскиот народ го избрал Ердоган како прв претседател кој ќе има извршни овластувања според новиот систем според кој се укинува премиерската функција.

Граѓаните на Турција минатата година на референдум ги поддржаа промените на Уставот кои го заменија парламентарниот систем со претседателски, со што Ердоган доби поголема власт. Местото на премиерот е укинато во корист на претседателот на државата, кој ќе има пошироки овластувања. Претседателот на Турција има овластувања за промена на министри, прогласување вонредна состојба, издавање наредби, именување луѓе на клучни позиции со неограничен број потпретседатели.