14.8 C
Скопје
26. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Бугарија утре ќе предложи Македонија и Албанија да бидат поканети да започнат преговори со ЕУ

Бугарија пред Советот на Европската Унија утре ќе предложи Македонија и Албанија да бидат поканети и да започнат преговори за влез во Европската Унија, најави министерката за надворешни работи на Бугарија, Екатерина Захариева, пренесе „БТА“.

Захариева истакна дека позицијата на Македонија е посилна од онаа на Албанија, но не сите земји ја поддржуваат идејата поканата да биде врачена сега. Таа обраложи дека дебатите се водат околу тајмингот за почетокот на преговорите, бидеќи нема држава која е против европската перспектива на земјите од Западен Балкан.

„Сè уште имаме задача да убедиме дел од земјите кои се скептични“, рече Захариева и посебно ја посочи Франција, како земја со која треба да се работи.

Таа додаде дека доколку утре Советот на ЕУ го поддржи почетокот на преговорите за проширување, тоа не значи автоматски пристап во преговорите и истите ќе започнат следната година.

„Постои многу подготвителна работа, што ќе треба да се заврши, како на пример, изготвување на преговарачката рамка“, појасни министерката.

Таа истакна дека нејзините колеги денеска изразиле исклучително позитивна оценка за напорите на бугарското претседателство и на бугарската влада за европската перспектива на земјите од Западен Балкан, како и за многуте практични чекори преземени досега.

„Многу се направи, балканските лидери покажаа дека се храбри, не постапија типично балкански, како што многумина очекуваа, почнувајќи со договорот меѓу Бугарија и Македонија, што даде позитивен поттик во целиот регион“, коментира Захариева.