17.8 C
Скопје
20. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
БИЗНИС

Не е точно дека има одлука за повисок данок за примањата над 1.000 евра, тврди Заев

Не е точно тврдењето дека Владата има утврдено до 1.000 евра да се плаќа како и досега 10 проценти данок, а над 1.000 евра да се плаќа поголем данок, тврди премиерот Зоран Заев, по информациите во јавноста дека е утврден прагот на примањата за поголемото оданочување. Премиерот, како што изјави неколку пати до сега, рече дека СДСМ е левичарска партија и дека редот е сите граѓани кои што имаат поголеми приходи да платат повеќе

„Апсолутно, мислам дека дебатата некој ја иницира претходно. Веројатно си има причина, имаат право, одредени медиуми да ја отвораат. Штом ќе бидеме ние подготвени, за таа дебата, ќе ги објавиме сите анализи, сите податоци, сите детали, за дебатата да биде квалитетна. Со внимателно слушање на граѓаните, така и ќе постапиме“, вели Заев.

Тој додаде дека евентуалното донесување на законот за промена на даноците нема да се имплементира пред 1 јануари 2019 година. Заев, исто така, рече дека Владата и Парламентот заедно ќе оценат кога е вистинското време да биде отворена дебатата за ова прашање.

„И, не е точно тврдењето дека Владата има утврдено, до 1.000 евра да се плаќа, како и досега 10 проценти данок, а над 1.000 евра да се плаќа поголем данок. Не, дебатата ќе го одлучи тоа, буквално ќе ги измериме сите податоци, така ќе ја донесеме одлуката. Но, праведното оданочување е нешто, кое што е фер во секоја земја. Ние сме левичари и редот е сите граѓани кои што имаат поголеми приходи, од 1.500, 2.000, 3.000, 5.000 евра, да платат повеќе. Дај боже, да имаме сите повеќе, па сите да платиме повеќе данок на државата. Тие пари, ќе одат за социјална помош, здравство, образование…“, вели Заев.