14.8 C
Скопје
26. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Прекрасни вести од власта: Ќе фрчат смени на лошите закони за нотарски и извршителски услуги со кои се удри врз судбините на граѓаните за време на владеењето на режимот

Нотарската комора на Република Македонија денеска одржа свечена седница по повод 20 годишнината од основањето на нотаријатот во Македонија.

Во своето воведно обраќање, министерката за правда Дескоска истакна дека искуството од функционирањето на нотаријатот во Република Македонија во изминативе 20 години дава можност за преоценување на предностите и слабостите на концептите на нотарската служба, преоценка на обемот на надлежностите кои ги имаат нотарите, но и на начинот на вршење на овластувањата и одговорноста која ја имаат нотарите.

„ Во заложбите за реформи коишто ќе постојат, не само во нотаријатот, туку и во целиот правен систем, очекувам соработка со Нотарската комора, особено во делот на јакнење на стручниот и професионалниот однос на нотарите и обезбедување на квалитетна и ефикасна нотарска служба“, изјави Дескоска.

Давајќи краток осврт на законските измени од областа на нотаријатот, министерката за правда истакна дека дебатата во Собранието во однос на последните измени во 2016 година, била проследена со изразено сротивставени ставови на Нотарската и Адвокатската комора, но и тензии коишто се уште постојат.

„Пред моето доаѓање во Министерството за правда, имало формирано комисија за изменување и дополнување на Законот за нотаријат заради преиспитување на одредени законски решенија чии предлози допрва ќе бидат предмет на разгледување. Свесна сум дека целиот пакет на измени кои ќе ги опфатат законите за извршување и нотаријат е предмет на спротивставени интереси, но и е судир на концепти и принципи“, истакна Дескоска.

Во изјавата за медиумите, министерката за правда беше децидна дека единствената цел во моментот е граѓаните да добијат поефтини услуги, а дека примарен интерес при измените на законите ќе бидат правата и интересите на граѓаните, интересот на правдата и на правната сигурност, и најави дека предлог-текстот ќе биде предмет на разгледување и дека во процесот ќе се дебатира и со Нотарската и со Адвокатската комора.