24.8 C
Скопје
30. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

ВМРО-ДПМНЕ: Заев ги погази црвените линии кои македонските политичари ги бранеа 25 години

Зоран Заев вчера ги погази црвените линии кои досега ги бранеа сите политичари на кои граѓаните им ја дадоа довербата да ја водат државата, реагираат денеска преку соопштение од опозициската, ВМРО-ДПМНЕ и додаваат дека премиерот не само што признал дека се согласил да го менува уставното име, туку и се согласил и националноста, која досега беше јасно дефинирана, да и додаде „граѓани на Северна Македонија”.

„Властите во Грција слават сосем очекувано бидејќи прв пат во дводецениските преговори еден политичар од Македонија се согласил беспоговорно да ги прифати сите нивни услови и да им го обезбеди најдобриот договор досега. Република Македонија, нејзиното минато, сегашност и иднина вчера беа жртва на навиката на Зоран Заев да ја витка кичмата само за да оствари личен интерес“, се наведува во партиското соопштение.

Оттаму додаваат дека Заев и како што велат, криминалниот картел кој го води, презентирале договор во кој државата е поразена.

„Преговорите кои ги водеше СДСМ се одраз на краен аматеризам. Договореното не е во сообразност со интересите на македонскиот народ. Зоран Заев ги погази сите црвени линии, кои сите политичари, без разлика на својата политичка припадност ги имале во последните 25 години. Заев ги поткопа македонските позиции. Најпрвин ветуваше дека македонската жица никој немало да му ја допре и дека Уставот немало да се менува. Потоа јавно кажа дека прифаќа промена на Уставот и ерга омнес решение во пакет со името Илинденска Македонија“, наведуваат од ВМРО-ДПМНЕ.

Од опозициската партија велат дека граѓаните се излажани и изманипулирани.

„Зоран Заев целосно нетранспарентно и без да ја запознае опозицијата и ВМРО-ДПМНЕ како најголема опозициска партија донесе одлука и решение, кое ќе ги тангира не само сегашните, туку и идните генерации. ВМРО-ДПМНЕ не е против членство во НАТО и ЕУ, напротив многу повеќе се залага за истото од сите други. Но, членувањето во тие организации не смее да биде преку предавство и капитулантски договори. Граѓаните заслужуваат европска иднина, но врз база на вредности и реален мерит систем за унапредување“, стои во соопштението.

Од ВМРО-ДПМНЕ истакнуваат дека Република Македонија не смее да продолжи кон амбисот кон кој СДСМ ја турка, дека СДСМ не може да понуди ништо добро за државата и поради тоа, како што велат, оваа власт мора да си замине.

Спонзорирано: