12.8 C
Скопје
17. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

По обуката за оџачари, канидатите ќе добијат материјали за отворање сопствен бизнис

Градот Скопје го продолжи рокот за пријавување на јавниот оглас за обука на оџачари до 25 мај 2018 година. На овој оглас досега се пријавени само шест кандидати, а предвидено е да се изврши обука за оџачари на 25 невработени работоспособни лица.

Обуката се планира да почне на 1 јуни, а ќе трае три месеци, пришто кандидатите за времетраењето на обуката ќе добиваат надомест од 9.000 денари месечно. По завршувањето на обуката, на секој кандидат, покрај сертификат, ќе му бидат обезбедени основни материјали за отворање сопствен бизнис и извесно вработување имајќи предвид дека чистењето на оџаците ќе биде субвенционирано од Градот.

За таа цел, годинава Градот Скопје предвиде 10 милиони денари за субвенции за чистење на оџаците. Овие субвенции ќе се реализираат по успешно спроведената обука на новите 25 оџачари.

Обуката на новите оџачари ќе ја спроведе Градот Скопје во соработка со Министерството за труд и социјална политика и Агенцијата за вработување на Република Македонија. Во Скопје сега има само 8 регистрирани оџачари, а 45 проценти од вкупниот број домаќинства во Скопје се греат на дрва, што е една третина од уделот во вкупното загадување на воздухот во градот. Според некои податоци во Скопје има над 60.000 оџаци што многу ретко се чистат, а општо е познато дека неисчистен оџак загадува најмалку двојно повеќе во споредба со исчистен оџак.

Оваа мерка е дел од чекорите што ги презема Град Скопје за решавање на проблемот со аерозагадувањето во зимските месеци.