10.8 C
Скопје
18. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈАТОП ВЕСТИ

Заев: Апелирам за еднакви можности на сите деца

Претседателот на Владата, Зоран Заев, претпладнево се обрати на Конференцијата на тема, Важноста за рано инвестирање: Зајакнување на раниот детски развој во земјите од Западен Балкан, којашто е организирана од Светска банка и поддржана од Владата на Република Македонија.

На Конференцијата во Скопје, на којашто присуствуваа и претставници од земјите од регионот, се обратија и високите претставници на Светска Банка, Линда ван Гелдер, регионална директорка на Светска банка за Западен Балкан и Хаиме Саведра, сениор директор за Глобалната едукациска пракса на Светска Банка, како и министерките за образование Рената Дескоска и за труд и социјална политика, Мила Царовска.

Генералната порака со којашто се согласни сите е дека е од големо значење еднаквиот пристап кон сите деца, обезбедувањето еднакви можности за сите деца и вклучување на сите деца во воспитно – образовниот процес, затоа што практиките покажуваат поврзаност на подобри социо-економските состојби во една држава со стапката на опфатени деца во предучилишното воспитание и образование.

Премиеротрече дека постои свесност кај Владата колку е важен раниот детски развој, во формирањето на личноста.

„Тие деца еден ден треба да бидат успешни лекари, професори, вредни работници и работодавци, чесни судии, политичари. Тие деца, кои и да се тие, независно дали живеат во Република Македонија, Западен Балкан, Европа, Африка, Америка, каде и да е во светот, сите тие се наши деца. Затоа што ниеден човек на планетата земја не може сам. И затоа што има нешта кои се заеднички.
На сите во светот ни е потребен мир и напредок“, изјави Заев.

Претседателот на Владата нагласи дека оваа Влада прави се што може, да постави систем на социјална заштита на граѓаните што ќе им овозможи на граѓаните и на семејствата егзистенцијален мир, којшто понатаму влијае и на квалитетот на живот, а со тоа и на квалитетот на развој на личноста.

Исто така се работи и на зголемување на опфатот на деца во градинките за 50 проценти и проширувања на капацитетите посебно во сиромашните и рурални делови на земјата со цел обезбедување бесплатни три часа дневно образование во согласност со универзалните цели на ЕУ.

„За оваа 2018 година планираме уште 18 нови проширувања на градинки. Во 2017 се почнати 13 проширувања на градинки надвор од Скопје. Нашата цел е изградба и нови капацитети во 2019 година, за што ја обезбедуваме потребната документација. Ние знаеме што покажуваат меѓународните пракси – дека предучилишното образование има огромна улога по кој пат ќе тргнат децата понатаму во животот. Исто така и дека квалитетните предучилишни програми водат кон пониска стапка на порано напуштање на образованието, намалени стапки на криминал и невработеност“, рече премиерот Заев.

Министерката за образование, Дескоска истакна дека Владата на образованието гледа како на влог во иднината, бидејки вредностите на коишто ќе ги научиме децата, солидарноста, владеење на правото, почит и грижа кон животната средина, тоа ќе се рефлектира подоцна во општеството.

„Свесни сме дека добра и квалитетна едукативна програма во градинките, зголемување на опфатот на деца во градинките, ќе се рефлектира врз постигнувањата на целиот образовен систем, а дека во основното образование ќе имаме поподготвени деца“, рече министерката Дескоска.

Таа посочи и дека во моментов во Македонија се одвива важна реформа во образованието со долгорочни бенефити за државата.

Министерката за труд и социјална политика, Царовска ја нагласи улогата на семејството во квалитетот на развој на личноста, но рече дека децата мора добро да се подготват за животот што следува, а за тоа се важни и институциите.

„Работиме на квалитетен ран детски развој. Ги менуваме состојбите. Затекнавме запуштен систем на образованите, запуштена грижа за децата. 11 години не се градеа градинки. Вложуваме во градинките, работиме на поголем опфат на деца и на квалитетот на воспитно“, образовниот процес, рече министерката Царовска.

Регионална директорка на Светска банка за Западен Балкан, Линда ван Гелдер, обрна внимание на значењето на што поголема инклузија на ранливите деца, што има понатаму улога и во нивниот развој и во намалувањето на сиромаштијата и повика на конкретни стратегии во државите, согласно универзалните цели во државите. Потребни се мерки за рано детско образование, дополни директорката ван Гелдер. Сениор директорот за Глобалната едукациска пракса на Светска Банка, Саведра, нагласи дека децата не можат да чекаат и дека е важно сите да добијат фер можности. Освен квантитетот тој посочи и на важноста од квалитетот на наставата во градинките и училиштата и додаде дека јавните политики за детски развој се ургентна потреба и одговорност на сите.