20.8 C
Скопје
17. јуни 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Во Скопје најмногу пријави за сообраќајки во кои настрадале велосипедисти

НаТочак направи Анализа на пријавите поврзани со велосипедизам во дневните билтени на МВР, во која се опфатени 103 пријави поднесени изминатите години. Анализата покажува дека околу 80% од пријавите се однесуваат на случаи во урбана средина, а меѓу нив, со 31% најбројни се пријавите во Град Скопје. Високи 78% од пријавите се од тип сообраќајна незгода во која во 88% од случаите се работи за судир помеѓу автомобил и велосипед. Речиси две третини од случаите завршуваат со тешка телесна повреда, а 20% со смрт.
НаТочак ги повикува и ги охрабрува сите да пријавуваат и најмала сообраќајка во која настрадал велосипедист како и кражба на велосипед во МВР.

Со помош на софтверска скрипта, пребарувани се сите билтени кои го содржат зборот „вело“ и се однесуваат на велосипедисти и велосипеди. Во периодот од март 2015 до февруари 2018 година, забележани се 103 пријави објавени во дневните билтени од МВР. По години, во 2015 година (за 8 месеци) имало 9 пријави, во 2016 година биле 48, 2017 година биле 40, а во 2018 година (за два месеца) се 7.

Најмногу пријави во еден месец имало во август 2016 година и во месеците март и јуни 2017 година, кога имало по 8 пријави. Јуни, август, септември и декември се месеците во кои секоја година имало барем една пријава. Пријавите се поделени во четири категории според типот: кражба на велосипед, сообраќајна незгода, напад на велосипедист (од човек или животно) и спасување на велосипедисти. Најзастапена е категоријата сообраќајна незгода со 77,7% од пријавите, а по неа е категоријата напад на велосипедист со 11,7%.

Во категоријата сообраќајни незгоди, во најголем дел – 87,5% од пријавите биле за сообраќајка помеѓу велосипед и автомобил. Останатите 12,5% се поделени на сообраќајки во кои: велосипед изгубил контрола (5%), се судриле велосипед со пешак (3,8%), судар на велосипед со мотор (2,5%) и судар меѓу автобус, велосипед и мотор (1,3%). Во поглед на последиците од сообраќајните незгоди, повторно се категоризирани пријавите во пет категории. Речиси две третини (63,4%) од сообраќајните незгоди завршиле со тешки последици за велосипедистот. По нив, со смрт завршиле 19,5% од сообраќајните незгоди, а 9,8% од велосипедистите се наоѓале во животна опасност. За 2,4% од сообраќајните незгоди не било наведено со каква последица се здобиле велосипедистите.

Како последен наод од анализата на податоците, може да се истакне локацијата во која се имаат случено незгодите. 80,58% од пријавите се случиле во урбана средина, односно во некој од градовите во Македонија. Една третина од пријавите се во Град Скопје (31,1%), а следни на листата се Тетово (9,71%) и Охрид (8,74%).