12.8 C
Скопје
17. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
СВЕТ

Тужби против Русија за одземање човечки органи без дозвола

Најмалку две тужби се поднесени во Европскиот суд за човекови права во Стразбур против Русија со тврдења дека таа земја одземала органи на неодамна починати луѓе без претходно барање дозвола од нивните најблиски, со што ја прекршила Европската конвенција за човекови права.

Во меморандумот упатен во јули до судот во Стразбур Русија навела дека е нехумано да се прашуваат членовите на семејството на починатото лице да се земат неговите органи бидејќи тоа би било истовремено со нивното известување за смртта на саканото лице, пренесува АП, повикувајќи се на документот во кој имала увид.

Како што пишува АП, во рамки на рускиот систем таканаречен – претпоставено прифаќање, лекарите рутински и легално ги вадат органите на луѓето кои починале, а претходно не бараат дозвола од истите луѓе додека биле живи, ниту дозвола од нивните најблиски.

Русија како правен аргумент наведува дека доколку лекарите бараат дозвола пред да ги извадат органите, луѓето би одбивале и системот на трансплатација би пропаднал.

Ожалостените семејства, кои многу подоцна дознале дека органите на нивниот починат член од семејството тајно му биле извадени, поднеле тужби во кои се оспорува рускиот закон и неговото толкување за кое се тврди дека ги крши човековите права загарантирани во Европа.
Многу држави имаат систем на претпоставено прифаќање, меѓу кои се Австралија, Шпанија и Шведска.

Доколку судот во Стразбур заклучи дека Русија ја прекршила Европската конвенција за човекови права, би можел да ѝ нареди на таа земја да го измени нејзиниот закон за донирање органи. Одлуките по двете тужби против Русија се очекуваат во наредните месеци.