22.8 C
Скопје
2. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Криминалот и корупцијата стануваат официјална политика, велат од ЦК на ВМРО-ДПМНЕ

Вчеравечер Централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ одржал седница на која се разговарало за актуелната политичка ситуација, при што донеле заклучок дека Македонија тоне на економски план, а со тоа, сите се соочуваат со колапс.

„Неспособноста на СДСМ се рефлектира со катастрофални резултати кои одат на товар на граѓаните. Порастот на бруто домашниот производ на крајот на годината не е ниту во позитива, што уште еднаш докажува дека Владата е заталкана и води погубни економски политики. Владеењето на правото е загрозено и воопшто не се подобрува ситуацијата со правосудниот систем. Веќе четврти месец се во притвор уставобранителите, а осудените криминалци кои ги ослободија СДСМ шетаат на слобода“, велат од ЦК на ВМРО-ДПМНЕ.

Според нив, криминалот и корупцијата во државава стануваат официјална политика, а полицијата не презема никакви чекори за справување, а со тоа велат дека Македонија е рекордер во падот на листата на интернационалната Транспаренси и се наоѓа во друштво на земји од централна Африка.

„После девет месеци владеење, граѓаните се сведоци на десетици лаги и неисполнети ветувања од предизборниот период. Со секој изминат ден се потврдуваат сомненијата дека функционерите на СДСМ или свесно ги лажеле граѓаните или се целосно неспособни да реализираат било што од ветеното во текот на кампањата. Катастрофата е иста и на локално и на централно ниво“, додаваат од партијата.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, најави дека народот се соочува со сериозни проблеми, а власта е глува и одбива да ги слушне и решава. Мицкоски во наредниот период ќе отпочне теренски средби со граѓаните низ целата држава, сè со цел да ги слушне маките и сугестиите на граѓаните, за потоа да се понудат програмски решенија на истите.

„ВМРО-ДПМНЕ и понатака стои на ставот дека во преговорите со Република Грција не треба да се задира во идентитетот, јазикот и Уставот, бидејќи тоа ќе биде погубно за нашата држава. Во однос на кадровските прашања, досегашниот член на Извршниот комитет Златко Перински е назначен за шеф на кабинетот на Претседателот Христијан Мицкоски, со што беше констатиран престанокот на неговиот мандат во Извршниот комитет“, информираат од ЦК на ВМРО-ДПМНЕ.

Спонзорирано: