21.8 C
Скопје
19. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

(Видео) Нацев: Власта го партизира Министерството за одбрана

Наместо натамошна професионализација, власта го партизира Министерството за одбрана. СДСМ го претвори МО и Военото разузнавање во институција за вдомување и унапредување на партиските кадри, обвини Александар Нацев од ВМРО-ДПМНЕ.

„Останаа неодговорени прашањата на јавноста дали првиот човек на Военото разузнавање, Горан Василевски, кој експресно доби безбедносен сертификат, е поставен за началник поради неговата партиска активност. Јавноста чека одговори како Василевски, кој бил одбиван за издавање безбедносен сертификат, за што водел и постапка пред Управен суд, експресно се стекнал со истиот по доаѓањето на новата власт. Дали добивањето безбедносниот сертификат е последица на неговите партиски ангажмани за време на шарената револуција?“, прашува Нацев.

Шекеринска, додаде тој, мора да одговори дали Василевски во замена за издавање на сертификатот сега работи на партизација на воената служба за безбедност и разузнавање, преку испраќање  свои потчинети од Службата на партиски митинзи на СДСМ?

Тој покажа фотографија на која, како што рече Нацев, се гледа како висок офицер на Военото разузнавање, Трајче Касапинов, учествува и обезбедува партиски митинг на СДСМ во општина Лозово.

„Во кое својство Касапинов се наоѓа на партискиот митинг на СДСМ? Како да очекуваме дека овие лица кои дејствувале  по партиска линија ќе работат на професионализација на Министерството за одбрана? Василевски и Касапинов се лица кои учествуваат во изготвување на законските решенија за следење на комуникациите и кои учествуваат во изработка на стратешките документи во доменот на одбраната. Имајќи го предвид сето ова, како можеме да очекуваме дека тие ќе дадат непристрасен придонес во реформата на системот за следење  комуникации, преку нивното учество во Работната група за донесување законски решенија во врска со следењето на комуникации?, праша Нацев.