21.8 C
Скопје
19. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈАТОП ВЕСТИ

Иванов на средба со Јункер: Стратегијата за Западен Балкан e потврдa за европската иднина на регионот

Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, денеска оствари средба со претседателот на Европската комисија, Жан Клод Јункер.

Како што информираат од кабинетот на претедателот, на средбата се разговарало за актуелната политичка состојба во земјава, за процесот на евроатлантските интеграции, како и за клучните предизвици со кои се соочуваат регионот и Европската Унија. Претседателот Иванов изразил благодарност за поддршката на претседателот на ЕК, за европската перспектива на Република Македонија.

„Ја поздравуваме подготвеноста од Европската Комисија за обновување на препораката врз основа на исполнетите критериуми од наша страна“, рекол Иванов, дополнувајќи дека деблокирањето на интегративните процеси позитивно ќе влијае врз реформските процеси и врз целата општествено-политичка состојба во Република Македонија.

Македонскиот претседател ја нагласил неопходноста од фер и објективен пристап за Република Македонија, во однос на отпочнувањето на пристапните преговори за полноправно членство во ЕУ. Во таа насока, Иванов позитивно ја оценил Стратегијата за Западен Балкан, промовирана од страна на Јункер и истакнал дека со документот којшто претставува јасна порака, уште еднаш се потврдува европската иднина на регионот.

Во однос на добрососедските односи, претседателот Иванов ги реафирмирал македонските напори за унапредување на односите со сите соседи и за поголема регионалната соработка, со цел стабилен, безбеден и просперитетен регион. Во тој контекст, македонскиот претседател порачал дека изјавите на одредени политички лидери од регионот влијаат дестабилизирачки и не помагаат за градење на добрососедски односи.