25.8 C
Скопје
18. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
СВЕТ

Околу 100 мртви во најновите воздушни напади во Сирија, меѓу нив и 20 деца

Сириската армија изврши напади врз бунтовничката енклава во Источна Гута во изминатите 24 часа во кои загинаа речиси сто луѓе, меѓу нив многу жени и околу 20 деца, објави доцна во понеделникот Сириската опсерваторија за човекови права (SOHR).

„Интензитетот на бомбардирањето и воздушните напади во Источна Гута покажува дека сирискиот режим се подготвува за копнен напад“, предупреди Рами Абдел Рахман, шеф на SOHR.

Бројот на жртвите, најверојатно, ќе се зголеми бидејќи се повредени околу 470 лица, што е бројка со која болниците тешко можат да се справат. Воздушните напади и артилерискиот оган продолжуваат во областа која од 2013 година е под опсада на силите лојални на Башар ал-Асад. Таа е една од последните области под контрола на бунтовниците.

Околу 400.000 луѓе во оваа област главно се отсечени од можноста за добивање хуманитарна помош, а активистите предупредија дека ситуацијата е драматична бидејќи резервите од храна и медицински материјали забрзано исчезнуваат.

„Хуманитарната ситуација со цивилите во Источна Гута е надвор од контрола“, рече Панос Момцис, регионален координатор на ОН за сириската криза. „Итно е потребно да се стави крај на ова човечко страдање“, истакна тој.