Со изложбата на маски во Центарот за култура „Марко Цепенков“ денеска почна тридневниот карневалски спектакал во Прилеп „Прочка 2018“, коj ќе кулминира со главното карневалско дефиле в недела, на Прочка.
Oрганизаторите на карневалот, општина Прилеп и Здружението „Прилепски мечкари“ ги прогласија најдобрите од 700 маски на учениците од 15-те основни и средни училишта. Изложбата е традиционална и се одржува по 15-ти пат.
Според прилепскиот градоначалник Илија Јованоски на изложбата се гледа големата креативност на учениците во изработката на оригиналните маски.
– Задоволство е да се види на дело големата креативност на младите кои во иднина ќе бидат носители на карневалските случувања. Со оваа изложба всушност почнуваат тридневните карневалски активности за прилепскиот меѓународен карневал. Утре е детскиот карневал и во центарот на Прилеп ќе дефилираат оригинални поединечни и групни маски на учениците од училиштата под менторството на нивните наставници. В недела од 13 часот е главното дефиле на маските од земјава и странство. Се очекува да учествуваат околу 1.000 маскирани, а жири-комисијата ќе ги прогласи најдобрите поединечни и групни маски. Карневалскиот спектакл ќе заврши в недела вечер со заедничката забава на маските, рече Јованоски.
Комисијата од наставници од прилепските училишта избра шест најдобри маски, три првонаградени, а три освоија второ место. Првонаградени се маските на учениците Димитар Илиоски од основното училиште „Блаже Конески“ кој изработи венецијанска маска и средношколците Иван Крстески од средното училиште „Ѓорче Петров“ и Давор Стефаноски од средното „Орде Чопела“. Второнаградени се маските на Дневниот центар „Ѕуница“, на Андреа Мирческа од основното училиште „Кирил и Методиј“ од селото Подмол и маската на Александар Гулабоски од гимназијата „Мирче Ацев“. Со трета награда се наградени маските на учениците: Марија Долеска, Сених Келенкоски и на Филип Трајкоски.
Една од трите првонаградени е маската што ја изработи средношколецот Иван Крстески, кој вели дека ја направил маската „Четири годишни времиња“.
– Годишните времиња се претставени во вид на огледало и е изработена од природни материјали. На маската работев две недели со поддршка на мојата професорка по ликовно образование, вели Крстески кој изработува маски од седмо одделение.