12.8 C
Скопје
16. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Британскиот Дом на лордови ја сака Македонија во НАТО и без решение на спорот за името

Лондон ќе се обиде да го наметне своето влијание на регионот и ќе инсистира на членство на Македонија во НАТО и без решавање на спорот за името, пишува грчкиот весник „То Вима“ и потсетува дека Велика Британија ќе биде организаторот на овогодишниот Самит на Западен Балкан.

Според извештај подготвен од Домот на лордови, британската влада ќе настојува за примање на Македонија во НАТО и без решавање на прашањето за името.

„Владата треба да ги поддржи мерките за да ѝ помогне на Македонија да влезе во НАТО со или без решавање на проблемот за името. Членството во НАТО и соработката ги гарантираат мирот и стабилноста на регионот. Се согласуваме со поддршката на владата за членство во НАТО на Македонија и Босна и Херцеговина. Доколку тие ги исполнуваат основните барања за членството, нивната интеграција во НАТО ќе биде чекор кон поголема стабилност во регионот“, се наведува во извештајот.

Овој извештај бил подготвен од страна на Комитетот за меѓународни односи, назначен од Домот на лордовите за да ги истражува британските меѓународни односи.

Во извештајот се цитира и британската премиерка Тереза Меј, која на 17 јанари изјави дека Западниот Балкан е регионот каде што британската влада играла и ќе продолжи да игра активна улога во промоција на просперитетот, стабилноста и безбедноста.

„Поддршката за влез во НАТО во Македонија е голема (и членството во НАТО е поважен приоритет од членството во ЕУ). Министерот за надворешни работи, Никола Димитров, изјави дека 70 отсто од популацијата се за членство. Тој истакна дека доколку Македонија стане членка на НАТО, тоа ќе докаже дека земјата ќе остане во границите коишто ги има“, се наведува во извештајот.