22.8 C
Скопје
2. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
СВЕТ

Се отвора А2 телевизија – ќе биде партнер на Си Ен Ен

Генер 2, една од водечките компании во Албанија, го најави првиот 24-часовен информативен телевизиски канал А2 којшто ќе се реализира во ексклузивно партнерство со светскиот лидер Си-ен-ен.

Новиот ТВ канал ќе биде со седиште во Тирана, a поддршка за негова непречена реализација ќе обезбедат новинските дописништва лоцирани во другите градови во Албанија и регионот.

Воведувањето и развојот на А2 е резултат на партнерството помеѓу двата главни бренда, Генер 2 и Си-ен-ен, кои како лидери во своите сектори во лансирањето на новиот информативен канал ќе ги обединат локалната и глобалната експертиза, како и своите стандарди и искуства.

Новиот ТВ канал, кој се очекува да почне со работа до крајот на оваа година, ќе биде достапен за жителите на Албанија, како и за милионите Албанци што живеат надвор од земјата.

„Со стартувањето на овој Си-ен-ен афилијациски ТВ канал со седиште во Тирана, сакаме да го подигнеме стандардот на локалната продукција, да ја промениме медиумската реалност во Албанија, но и да понудиме брз, длабински, точен и кредибилен извор на информации и вести. Во создавањето на овој возбудлив нов проект работевме во партнерство со медиумски експерти со големо искуство, како и со водечки светски технолошки, креативни и комуникациски компании и веруваме дека финалниот производ ќе биде нешто што досега не е видено на албанскиот и регионалниот медиумски простор“, изјави Башким Улај, генерален директор на Генер 2.

Како ексклузивен партнер на Си-ен-ен, новиот канал ќе ја дополни својата оригинална програма со одбрана програма на познатиот телевизиски канал и вести преведени на албански јазик.

„А2 има потенцијал да донесе нов и единствен стил за новинарството во Албанија станувајќи ексклузивен Си-ен-ен партнер од земјата кој ќе ѝ се придружи на нашата мрежа од повеќе од 1.100 партнери од целиот свет. Во следните месеци, заедно со Ганер 2 ќе работиме на обуки, консултации и идеи за креирање содржини со цел да развиеме медиумска платформа која може да стане информативен лидер во Албанија“, рече Грег Беитчман, потпретседател на маркетинг сектор во Си-ен-ен.

Генер 2 е една од најголемите приватни градежни и инженерски компании во Албанија. Во својата работа вклучува повеќе индустрии, како што се градежништво, инфраструктура, инженеринг, проектен менаџмент, енрeгија и телекомуникации, недвижности и продажба.
Во последните 20 години компанијата има исклучително влијание врз албанскиот и регионалниот пазар развивајќи динамичен и стандарден бизнис-пристап и имплементирајќи стратешки проекти со што значително придонесува кон одржлив економски развој на земјата.

Спонзорирано: