17.8 C
Скопје
17. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Царовска – Мужниекс: Унапредувањето на човековите права е еден од клучните приоритети на Владата

Министерката за труд и социјална политика Мила Царовска одржа средба со Нилс Мужниекс, комесар за човекови права на Советот на Европа, во рамките на неговата работна посета на Република Македонија.

Министерката го информира комесарот за актуелните процеси и активности на Министерството, кои ќе ја подобрат состојбата со почитувањето на човековите права во земјата.​

Во однос на Законот за спречување и заштита од дискриминацијата, кој е веќе доставен до Венециската комисија, министерката истакна дека суштинските промени ќе се случат со професионализација на Kомисијата. Во Комисијата за спречување и заштита од дискриминација ќе бидат вклучени лица со долгогодишно искуство на полето на човековите права и со тоа ќе биде независна во одлучувањето и поефикасна во својата работа.

Посебен акцент беше ставен на проблемот со вклучување голем број ромски деца во специјални училишта, иако не се лица со попреченост. Заедно со Ромскиот образовен форум се спроведуваат активности за нивно вклучување во редовниот образовен процес. Исто така, беше посочено дека МТСП креира мерки за вклучување на пазарот на труд и достапно образование како клучни сегменти што овозможуваат вистинска инклузија на Ромите во општеството. Во однос на лицата без документи, од кои повеќето се Роми, беше укажано дека Владата интензивно работи на конечно решавање на овој долгогодишен проблем и во таа насока се подготвуваат и неопходните законски измени.

Комесарот Мужниекс беше информиран и за процесот на деинституционализација, односно трансформацијата на големите институции за згрижување лица, со оглед на тоа што во дел од овие институции со години се утврдува кршење на човековите права. Соодветната стратегија ќе биде усвоена набргу, а паралелно се работи на промена во функционирањето на дневните центри за лица со попреченост, обезбедување локации за мали групни домови, како и развивање систем на услуги на локално ниво во соработка со општините.