14.8 C
Скопје
26. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Средба Бектеши – Зејбекчи: Потпишана одлуката за измена на Протоколот 2 во корист на деловната заедница

Потпишана  е одлуката за измена на Протоколот 2 во корист на деловната заедница, информираат од Министерството за економија по средбата во Анкара што министерот Крешник Бектеши ја остварил со својот турски колега Нихат Зајбекчи.
Во рамки на средбата биле разгледани тековите на економската и трговската соработка меѓу двете земји.
„Во насока на продлабочување на билатералната економска соработка и поттикнување на трговијата, каде што во последните години е забележан раст, особено во делот на македонскиот извоз на турскиот пазар, двајцата министри по средбата потпишаа одлука на Мешовитиот комитет по Договорот за слободна трговија склучен во 1999 година меѓу Република Македонија и Република Турција. Со одлуката се врши измена на Протоколот 2 заради создавање одредби за примена на Регионалната конвенција за Пан-евро медитеранските правила за потекло на стоки (ПЕМ) и проширувањето на можностите за дијагонална кумулација на потекло на стоки со други земји“, информираат од  секторот за координација на активностите на министерот.
Од Министерството додаваат дека примената на Регионалната конвенција, која нашата држава ја ратификуваше во мај 2012, а Република Турција во ноември 2013, значи создавање идентични услови во примената на правилата за потекло, при што дијагоналната кумулацијата на потекло на стоката ќе важи за земјите членки на ЕУ, за оние ЦЕФТА земји кои применуваат Спогодба за стабилизација и асоцијација и ЕФТА државите.
Министрите Бектеши и Зејбекчи се согласиле во наредниов период да се формираат експертски тимови од двете земји кои ќе работат на модернизирање на Договорот за слободна трговија, со што ќе се овозможи негово усогласување со правилата на услуги на Светската трговска организација и ќе се создаде основа за нови преговори во земјоделско-прехранбениот сектор во интерес на бизнис-заедницата, каде што ќе бидат вметнати и инвестициите, како посебно поглавје.
Во надворешно-трговската размена на Република Македонија со светот, Република Турција се наоѓа на 8. место за периодот јануари – ноември 2017 и во 2016 година, а пред неа се Германија, Велика Британија, Грција, Србија, Бугарија, Италија и НР Кина. За периодот јануари-ноември 2017 година, вкупната трговска размена бележи зголемување од 0,8% (410.018 милиони долари) во однос на истиот период од 2016 година (380.222 милиони долари), при што кај извозот е остварен раст од 21,7% (77.989 милиони долари), додека увозот е зголемен за 5,0% (332.029 милиони долари).