14.8 C
Скопје
26. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

(Видео) ВМРО-ДПМНЕ: Носењето на неуставниот закон за двојазичност ја брише македонската историја

Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ на првата одржана седница го осуди политичкиот прогон од страна на власта кој преку правосудните органи се врши врз пратеници, уметници, полициски службеници и други лица, чиј единствен грев е тоа што имале храброст гласно да се спротивстават на антидржавните политики на актуелната власт.

Целта на политичкиот прогон, според Извршниот комитет, е замолкнување на секаква критика и ширење страв меѓу народот и сите што мислат поинаку. Извршниот комитет заклучи дека ваквото однесување на актуелната власт е недемократски чин и не придонесува за нормализирање на политичката состојба во Република Македонија.
Носењето на неуставниот закон за двојазичност и ратификувањето на асиметричниот договор со Бугарија, со кој ќе брише македонската историја, се доказ дека штетните антидржавни политики на СДСМ, на кои пред изборите предупредуваше ВМРО-ДПМНЕ, стануваат реалност. Ваквите политики, според Извршниот комитет ја редефинираат Република Македонија и нанесуваат штети на долг рок, кои нема да може да се надоместат.

Извршниот комитет на вчерашната седница ја анализира и катастрофалната економска политика што ја води црното економско трио Заев, Анѓушев и Тевдовски, кое земјава ја турка во банкрот. Нивната неспособност ја плаќаат граѓаните кои за 15-ина дена актуелната влада ги задолжи со над 570 милиони евра. Заради расипничката политика на новата власт, секој жител на Македонија поединечно е задолжен со над 250 евра, односно едно четиричлено семејство, благодарение на Заев, Тевдовски и Анѓушев, ќе треба да враќа повеќе од 1.000 евра.

Работата на локалната самоуправа предводена од СДСМ, според ИК, е уште една потврда на нивната неспособност и безидејност. Лагите се единствениот принцип во работењето, а еден од показателите за тоа е непреземањето никакви мерки во врска со загадувањето, иако пред изборите ветуваа дека овој проблем ќе бил решен. Додека Заев е на луксузно зимување во италијанските монденски ски-центри, а Шилегов во Загреб, скопјани ги полнат клиниките како резултат на загадениот воздух, со што главниот град се искачи на листата со три најзагадени градови во светот.

ИК на ВМРО-ДПМНЕ го осуди политичкото насилство на СДСМ манифестирано преку стотици отпуштања од работа, деградирања и раскинувања договори. Со ваквиот начин на работа актуелната власт ја враќа Македонија назад во времето на мрачната транзиција кога не постоеја никакви норми, а единствен критериум некој да добие работа или да го задржи своето работно место не беа професионалноста или квалификациите, туку слепата послушност кон политичкото водство.

ИК констатира дека практично не постои ресор во кој Македонија не назадува и заклучи дека треба да се изготват соодветни стратегии со кои партијата ќе се спротивстави на уништувањето на земјата, кое на крајот паѓа на товар на сите граѓани, се наведува во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.