21.8 C
Скопје
19. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
????????????????????????????????????
МАКЕДОНИЈА

Пратениците треба да изберат уставни судии по предлозите на претседателот Иванов

Изборот на Дарко Костадиновски и Осман Кадриу за судии на Уставниот суд на Република Македонија е на дневен ред на денешната 27. собраниска седница. Тие се предлог на pретседателот Ѓорѓе Иванов, кој, како што соопшти неговиот Кабинет, смета дека со предлозите Уставниот суд ќе добие судии кои најодговорно ќе ја извршуваат функцијата за време на нивните мандати.

Дарко Костадиновски е доктор на правни науки на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ од областа на меѓународното право. Докторирал на тема „Советодавната надлежност на Меѓународниот суд на правдата: правни последици од советодавните мислења на Судот“ и е автор на книгите „Меѓународна aрбитража“ и „Меѓународниот суд на правдата – неопходност од реформи и промени (Советодавните мислења на Судот и нивните импликации)“. Како предлог за уставен судија, Костадиновски доаѓа од местото државен советник за надворешна политика во кабинетот на претседателот на Република Македонија. Член е на кабинетот на претседателот од 2001 година во тогашниот кабинет на претседателот Борис Трајковски. Од 2006 година продолжува неговиот ангажман, раководејќи со одделението за Европската Унија и НАТО во Кабинетот на претседателот Бранко Црвенковски.

Осман Кадриу е истакнат и реномиран правник во Република Македонија. Како предлог за уставен судија доаѓа од академската заедница, како професор на Факултетот за правни науки на ФОН, експерт во областа на облигационото право. Тој има повеќедецениски стаж во областа на правните науки како судија во Општинскиот суд во Кичево, член на Републичкиот судски совет и адвокат. Повеќе од десет години Кадриу бил ангажиран како професор на Правниот факултет на државниот универзитет во Тетово во граѓанско-правната област.
Костадиновски и Кадриу треба да дојдат на местото на судијките Наташа Габер Дамјановска и Гзиме Старова, на кои мандатот им заврши во октомври годинава. Тие беа избрани за судии на Уставен на предлог на претседателот Бранко Црвенковски во 2008 година.
На дневен ред на оваа седница се уште 34 точки.