Јутјуб, најпознатата платформа за споделување видео, која е во сопственост на Гугл, моментално тестира функција која нема да им се допадне на голем број корисници.
Според некои корисници на социјалните мрежи, оваа платформа „тивко“ во текот на септември имплементирала нов формат за прикажување реклами.
Корисниците кои ја користат бесплатната верзија на услугата и немаат претплата на Јутјуб Премиум во иднина би можеле да бидат принудени да гледаат пет реклами пред да започне нивното видео.
Оваа вест одекна, откако голем број корисници почнаа да се жалат на Твитер и Редит. Посочуваат дека наместо две им се прикажуваат пет реклами, пред да им биде дозволено да го погледнат избраното видео на Јутјуб.
YouTube исто така објави официјална изјава за ова прашање. Од компанијата посочуваат дека ситуацијата со прикажување на пет огласи би можела да се појави за корисниците на Јутјуб, со одреден формат на реклами наречени „bumper ads“.
Според компанијата, овие реклами се кратки и обично траат шест секунди. За жал, тие не можат да се прескокнат.
Во моментов, на сите корисници на Јутјуб Фри не им се прикажуваат пет реклами пред почетокот на видеото, што значи дека компанијата ја тестира оваа опција со избрана група луѓе.
Во моментов, мнозинството корисници на Јутјуб Фри гледаат две реклами пред почетокот на видеото, а не е познато кога форматот со пет реклами ќе биде доставен до сите корисници на платформата.