Силен јужен ветер, невообичаено високи температури за ноември и постепена промена на временските услови се најавуваат за Македонија. Под влијание на јужно воздушно струење, денес наместа ќе дува силен ветер, кој повремено ќе достигнува брзина над 80 километри на час. Температурите ќе бидат значително повисоки од просечните за овој период од годината. Во Скопје ќе дува умерен до засилен јужен ветер, а и таму ќе се задржи натпросечно топло време.
Во сабота, 14 ноември, се очекува променливо облачно време со повремени локални врнежи од дожд. Ветерот ќе биде слаб до умерен од северен правец, а долж Повардарието повремено засилен. Во Скопје ќе преовладува променлива облачност со сончеви периоди и умерен до засилен северен ветер.
Во недела, 15 ноември, времето ќе биде променливо облачно со сончеви периоди, а во попладневните часови наместа ќе има услови за краткотраен дожд. По одделни котлини е можна утринска магла. Минималните температури ќе се движат од 1 до 8 степени, додека максималните ќе достигнат од 7 до 13 степени. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец.
На почетокот на следната работна седмица ќе продолжи променливото време. Во понеделник, 16 ноември, температурите ќе се движат од 4 до 10 степени наутро и од 10 до 15 степени во текот на денот. Во западните делови ќе има услови за краткотрајни локални врнежи од дожд, а по одделни котлини повторно е можна утринска магла.
Во вторник, 17 ноември, ќе преовладува променливо облачно време, со можност за локален дожд во крајните западни делови. Минималните температури ќе бидат од 5 до 11 степени, а максималните од 12 до 18 степени. Ќе дува умерен јужен ветер, кој во западните делови повремено ќе биде засилен до силен.
Според најавата за наредниот период, кон средината на следната седмица се очекуваат и пообилни врнежи од дожд, особено во западните делови на Македонија. Јужното воздушно струење ќе продолжи да влијае врз временските услови, со повремено засилен ветер.


