Мицкоски со три проекти: Стан со најмалку 20 проценти попуст за брачен пар до 35 години, нула комуналии за млади до 35 години кои ќе градат свој дом и студентска картичка за попуст на услуги до 20 проценти преку апликацијата М-услуги.
Овие три проекти и мерки коишто денеска ќе ги објавам цениме дека ќе ги решат најважните прашања кај младите, а тоа се егзистенцијата и домувањето, нашата борба е со проекти и дела, рече претседателот на ВМРО-ДПМНЕ и премиер, Христијан Мицкоски, на денешната 35-та годишна Конференција на Унијата на млади сили на ВМРО-ДПМНЕ која се одржа под мотото „Нашата генерација-нашата Македонија“.
Мицкоски посочи дека првата мерка се однесува на млади брачни парови до 35 години, а која мерка предвидува најмалку 20 процентен попуст за станбен простор за млади брачни парови до 35 години и за реализација на истата ќе се донесе закон во македонското Собрание.
„Првата мерка којашто денеска ќе ја објавам, а којашто најскоро ќе се најде како закон пред македонските пратеници, е мерка во којашто ниту една градежна компанија којашто има намера да гради станбени единици, згради без разлика во кој град и без разлика во кое место во Македонија, нема да може да добие дозвола за градба ако не оддели минимум 10% станбена површина за брачни парови до 35 години, по цена којашто ќе биде најмалку 20% пониска од пазарната цена. И ова е моја порака до сите градежни компании, по донесувањето на овој закон нема веќе дозволи за градење, нема веќе бетонизација, туку ќе биде хумано градење и домување, а за младите брачни парови до 35 години, 10% од станбените единици, минимум 20% попуст за секој продаден метар квадратен од пазарната вредност на зградата. И ова ќе биде регулирано со закон. Има политички партии коишто се обидуваат да прават естрада, да даваат предлози, требало од буџетот да субвенционираме 1%, 2% од каматните стапки итн. Не еден, два, 20 минимум проценти пониска цена. Ова е вистинска мерка“, најави Мицкоски.
Мицкоски кажа дека втората мерка, исто така, предвидена за млади брачни парови до 35 години која ќе биде законски регулирана, е мерка со која е предвидено општините да не им наплаќаат комуналии за изградба на куќа.
„Втората мерка, исто така за брачни парови до 35 години. Секој оној којшто ќе гради дом, куќа своја во којашто ќе го гради своето семејство, преку закон повторно пред пратениците во македонскиот Парламент ќе донесеме одлука со којашто општините нема да наплаќаат комуналии. За куќа, за брачен пар до 35 години општините нема да наплаќаат комуналии на цела територија на Македонија. Не е 1% субвенција во каматната стапка, не 2%, не 3%, 0 комуналии за сите брачни парови до 35 години што ќе се одлучат да градат куќа, свој дом“, обзнани Мицкоски.
Третата мерка која ја сподели Мицкоски се однесува на студентите, односно на студентската картичка која ќе биде составен дел од апликацијата М-услуги, чиешто користење ќе донесе и дополнителни поволности за студентите.
„И третата мерка којашто во јавноста често е експлоатирана, а ја зборувавме со претставници на студентските организации во мојот кабинет, а тоа е студентската картичка или студентскиот оброк. И тогаш, а и сега сакам да кажам дека како професор, како педагог, како човек којшто секојдневно другарува, разговара, живее со млади луѓе, целта не може да ми биде ниту мене, ниту на моите соработници во Владата различна од тоа да бидеме пријатели на студентите, на младите луѓе“, рече Мицкоски и додаде:
„И за таа цел разработуваме заедно со Генералниот секретаријат, заедно со Министерството за образование, Министерството за финансии, Министерството за дигитална трансформација апликација преку М-услуги концептот, да секој студент не добие усогласување со, она коешто се вели инфлација, трошоци за живот, зголемување на оброкот. Туку да добие услуги со најмалку 20 проценти пониски цени не само за топлиот оброк, туку за многу други услуги коишто ќе ги користи, користејќи ја М-услуги апликацијата.Нешто што го немаат ниту студентите во Европската Унија, тоа да го имаат студентите овде, во нашата Македонија. И кога ќе заврши буџетот за тој месец, да продолжат со користење на оваа апликација, да имаат дополнителни услуги коишто ќе ги користат со привилегија од крајот на месецот, до почетокот на следниот месец“.


