21.8 C
Скопје
19. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
СВЕТ

Шефот на СЗО: Болниците никогаш не треба да бидат боишта

Генералниот директор на Светската здравствена организација (СЗО) Тедрос Аданом Гебрејесус (Гебрејесус) изрази загриженост за ситуацијата во Ал-Шифа, најголемиот медицински комплекс во Газа, велејќи дека „болниците никогаш не треба да бидат боишта“.

Тој предупреди дека какви било непријателства или милитаризација на болницата Ал-Шифа во Појасот Газа ги загрозува здравствените услуги.

– Ужасно сме загрижени за ситуацијата во болницата Ал-Шифа во северна Газа, која ги загрозува здравствените работници, пациентите и цивилите – напиша Тедрос Аданом Гебрејесус на Х.

Израелската војска рано во понеделникот објави дека нејзините сили упаднале во болницата Ал-Шифа, во која се сместени илјадници болни и ранети Палестинци, како и раселени луѓе.

Според израелскиот јавен сервис КАН, околу 80 Палестинци биле приведени во објектот.

– Болниците мора да бидат заштитени – рече Гебрејсус, повторувајќи го повикот за прекин на огнот во опколената енклава.

Израел почна со напади врз Појасот Газа по 7 октомври минатата година и прекуграничен напад на Хамас.

На 26 јануари, по тужбата за геноцид поднесена од Јужноафриканската Република, Меѓународниот суд на правдата пресуди дека Израел мора да се воздржи од какви било активности поврзани со убиства, напади и уништување на жителите на Појасот Газа и да ги преземе сите мерки за да спречи геноцид.

Според Обединетите нации, поради израелската офанзива, 85 отсто од населението на Појасот Газа е внатрешно раселено и се соочува со акутен недостиг на храна, чиста вода и лекови, додека 60 отсто од инфраструктурата на енклавата е оштетена или уништени.