12.8 C
Скопје
17. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
ВОЈНА ВО УКРАИНАСВЕТ

САД и Франција остро му одговорија на Путин: „Нема право да предизвикува ескалација“

Вашингтон и Париз во четвртокот ги нарекоа неодговорни зборовите на рускиот претседател, кој го предупреди Западот на реалниот ризик од нуклеарна војна доколку испрати свои војници да се борат во Украина, и рече дека Москва има оружје за напад на цели на Запад.

– Ова не е првпат да ја видиме неодговорната реторика на Владимир Путин. Вака не треба да зборува лидерот на земја која поседува нуклеарно оружје – изјави Метју Милер, портпарол на Стејт департментот.

Во говорот, рускиот претседател му се обрати на Западот велејќи дека „тие мора да разберат дека и ние имаме оружје што може да погоди цели на нивната територија. Сето ова навистина се заканува со конфликт со употреба на нуклеарно оружје и уништување на цивилизацијата“.

Американскиот функционер потсети дека Вашингтон претходно комуницирал со Русија „за последиците од употребата на нуклеарно оружје“.

– Но, немаме знаци дека Русија се подготвува да употреби нуклеарно оружје – рече тој.

Во четвртокот францускиот министер за вооружени сили Себастијан Лекорну го повика Путин „да не биде неодговорен“.

– Внимателно слушав што кажа претседателот на Руската Федерација утринава. Кога претставувате нуклеарна сила, немате право да бидете неодговорни и да предизвикувате ескалација – им рече Лекорну на новинарите.

Рускиот претседател „зборуваше и за заканите кои доаѓаат од запад. Нема закани за Руската Федерација, продолжи Лекорну.

– Тоа е говор кој се состои од преправање на жртва и нападнат, а сите добро знаат дека Русија е агресорот во Украина.