27.8 C
Скопје
21. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
СВЕТ

Египет бара временска рамка за формирање на независна држава Палестина

Египетскиот министер за надворешни работи Самех Шукри повика на прекин на огнот во Газа и распоред за формирање независна држава Палестина.

Според египетскиот канал „Ал Каиро“, министерот Шукри повика на прекин на огнот во Газа на прес-конференцијата што ја одржа во главниот град Каиро со францускиот министер за надворешни работи Стефан Сежурн, кој го посети Египет.

Шукри исто така повика на временска рамка за формирање на независна држава Палестина и ја истакна потребата од сеопфатна политичка рамка за палестинското прашање.

Тој повтори дека Египет е против присилната миграција на Палестинците во Газа и изјави дека со францускиот колега разговарал за прашањето за прекин на огнот во Газа и за испорака на хуманитарна помош.

Додека израелските напади врз Појасот Газа продолжуваат од 7 октомври, Египет прави напори за посредување да воспостави прекин на огнот во регионот.

Израел започна смртоносна офанзива на Газа по нападот на Хамас на 7 октомври, при што загинаа најмалку 27.365 Палестинци, а беа ранети 66.630.

Според податоците на Обединетите нации, поради израелската офанзива, 85 отсто од населението на Појасот Газа е внатрешно раселено и се соочува со акутен недостиг на храна, чиста вода и лекови, додека 60 отсто од инфраструктурата на енклавата е оштетена или уништени.