25.8 C
Скопје
18. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
СВЕТ

„Ова не е ваш хотел“: мајка во Италија ги тужела синовите затоа што не сакале да се иселат од дома

Мајка (75) од Италија се заситила од возрасните синови на 42 и 40 години, кои сè уште живееле во нејзиниот дом, па се обидела да ги убеди да си најдат свој дом, меѓу другото, и затоа што се вработени. Но, обидите ѝ биле залудни поради што решила да ги тужи, а судот ѝ дал право на тоа.

Пензионерка од градот Павија на северот на Италија постојано се обидувала да ги убеди своите возрасни синови, кои живеат во нејзината куќа, да се иселат бидејќи и двајцата се вработени. Освен тоа, не сакале да ги делат трошоците или да вршат домашни работи. Меѓутоа, синовите не сакале ниту да слушнат за тоа.

На мајката ѝ се смачило синовите да живеат во „мој хотел“, па поднела тужба до судот да ги иселат синовите.

Судот во Павија пресудил во корист на мајката и одредил рок за иселување на двата сина до 18 декември, пренесуваат италијанските медиуми.

Според медиумот, во Италија релативно многу деца живеат со своите родители, дури и по нивниот 18-ти роденден. Повеќето од нив се мажи, па им се лепи прекарот „мамони“ или „мамини момчиња“ или „бамбочиони“, големи бебиња, пренесува „N1 Словенија“. Поради неизвесното вработување, зголемен е бројот на Италијанци што остануваат дома со своите родители. Според минатогодишното истражување на европската статистичка служба „Евростат“, просечната возраст на која луѓето ги напуштаат своите домови во Италија е 30 години. Добри 66 проценти од Италијанците на возраст од 18 до 34 години живеат со своите родители. Овој удел е значително над просекот на ЕУ од 50 проценти.