Премиерот на Словенија, Роберт Голоб, изјави дека штетите од катастрофалните поплави во таа земја изнесуваат неколку милијарди евра.
Голоб посочи дека приоритет е да се воспостави основна инфраструктура, како струја и вода. Тој рече дека помошта за Словенија почна да пристигнува од странство и дека во моментот најпотребни се тешката механизација и монтажни мостови, објави Радио-телевизија Словенија.
„Веќе почна да пристигнува помош, не само од ЕУ“, нагласи Голоб.
Посочи дека дури и Украина испратила хеликоптер, што, како што рече, значи дека солидарноста навистина нема граници.
Премиерот ги опиша поплавите како најголемата катастрофа во поновата историја на Словенија и додаде дека Владата ќе направи сѐ за да им помогне на настраданите.
Словенечката влада ќе одвои повеќе од 100 милиони евра само за реконструкција на инфраструктурата по поплавите, а на денешната седница ќе се расправа за пакет парична помош за луѓето што изгубија сѐ во налетот на водата.