10.8 C
Скопје
18. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
Pixabay
СВЕТ

Москва сака да го исчисти постсоветскиот простор од американски биолаборатории

Руската парламентарна комисија што ја истражуваше активноста на многуте биолаборатории, кои функционираат во Украина со американско учество, деновиве излезе со извештај, во кој се препорачува усвојување и на домашни контрамерки и на мерки на меѓународно ниво, пренесува „Ведомости“.

Москва е во интензивна потрага по законски решенија што ќе ѝ помогнат во истиснувањето на американската присутност и влијание во биолошките лаборатории на територијата од државите од поранешниот Советски Сојуз во контекст на, како што посочи Дмитриј Гусев од Комисијата за контрола на државната Дума, т.н. биолошка војна што Западот ја води не само против Русија туку и против други земји.

Руските законодавци неделава ќе расправаат за извештајот, кој предлага проширување на соработката и размената на информации во биолошката сфера со сојузниците и партнерите на Москва, пред сè, со земјите членки на Организацијата на договорот за колективна безбедност (ОДКБ), Заедницата на независните држави (ЗНД) како и на Евроазискиот економски сојуз (ЕЕС).

Членовите на комисијата инсистираат на иницирање мултилатерални разговори за развој на меѓународна конвенција за борба против хемискиот тероризам и биотероризмот.

Според Станислав Причин, експерт од дебатниот Валдајски клуб, биолабораториите во постсоветскиот простор се создадени со западно, главно американско, учество и работат со протоколи на највисоко безбедносно ниво што ги прават недостапни за информации.

Русија во последните пет години постојано изразуваше загриженост за активностите на овие лаборатории и бараше детаљни информации за нивното работење.

Москва, според Причин, сега очигледно сака да се договори со своите партнери за усвојување заеднички правни норми што ќе вклучуваат мерки за ограничување на присуството и финансирањето такви објекти на територијата на најблискиот постсоветски простор, ОДКБ, ЗНД и ЕЕС.

Дмитриј Офицеров-Белски, истражувач во рускиот Институт за светска економија и меѓународни односи, вели дека не станува збор за создавање нова организација, туку за консултативен механизам, за размена на информации, што ќе доведе до прекин на работата на странските биолаборатории на територијата на ЗНД.

Иако за почеток ќе се бара согласност за потенцијалната меѓународна конвенција за борба против хемискиот и биолошкиот тероризам меѓу земјите членки на посочените организации во постсоветскиот простор, таа ќе биде отворена за учество за сите земји.