25.8 C
Скопје
18. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
СВЕТ

Претседателот на руската Дума предложи забрана на Меѓународниот кривичен суд во Русија

Претседателот на долниот дом на рускиот парламент, Вјачеслав Володин, предложи забрана на Меѓународниот кривичен суд (МКС) да работи во Русија, откако судот издаде налог за апсење на претседателот Владимир Путин, обвинувајќи го за воени злосторства.

Володин, сојузник на Путин, рече дека руското законодавство треба да се измени за да се забрани каква било активност на МКС во Русија за да се казнат оние кои му дале „помош и поддршка“ на судот.

„Потребно е да се развијат измени на законите со кои би се забранило какво било дејствување на МКС на територијата на нашата земја“, рече Володин во објавата на комуникациската платформа Телеграм.

Володин рече дека Соединетите Држави усвоиле закони кои спречуваат нивните граѓани некогаш да бидат судени од Хашкиот трибунал и дека Русија треба да го стори истото.

„Секоја помош или поддршка на МКС во Русија треба да биде казнива со закон“, рече тој.

На почетокот на овој месец, МКС издаде налог за апсење со кој го товари Путин за воено злосторство за незаконско депортирање на стотици деца од Украина. Судот рече дека постои основано сомневање дека Путин сноси индивидуална кривична одговорност.

Руските власти предупредија дека секој обид за апсење на Путин ќе се третира како објава на војна против најголемата нуклеарна сила во светот.